Македонската фудбалска репрезентација ги започна подготовките за последните два натпревари во квалификациите за ЕП 2020. За Македонија нема да настапат Алиевски и Тричковски поради повреда, а повикан е Тихомир Костадинов кој игра за Ружомберог од Словачка.
„Алиоски дефинитивно отпадна, Тричковски правеше прегледи. Дополнително е повикан Костадинов. Дарко Велковски и Стефан Ристовски доаѓаат дефинитивно, па потоа ќе видиме колку и дали можат. Исто така Муслиу, Несторовски и Николов се тука кои немаат право да играат со Австрија. Најпрво би сакал да можат да настапат и Спировски и Велковски. Не размислувам сега за викање на друг играч. Дефанзивци не ни има премногу во нашиот фудбал. Зајков, Младеновски, Тошевски и Ристевски, тоа е се играчите од кои може да се направи дефанзивна четворка. Адеми има пукнатина на стопалото и мора да паузира“, изјави селекторот Ангеловски.
Селекторот Игор Ангеловски исто така кажа дека со кои играчи и да располага мора да бидат мотивирани.
„ Не смее да има прашање дали има мотив. Кога се работи за репрезентација, секој што игра во тој дрес, мотив мора да има“ рече Ангеловски.