Поранешниот македонски репрезентативец Саша Ќириќ даде своја анализа околу претстојните натпревари на Македонската фудбалска репрезентација во Лигата на Нации каде ќе се обидеме обезбедиме пласман на Европското Првенство 2020. Ќириќ изјави дека во овие моменти сите треба да им дадеме поддршка на фудбалерите затоа што тука се работи за многу повисоки цели од личните интереси или суети.
„Гледано од аспект на жрепката, среќата не ни беше наклонета. Како прво во полуфиналето, што ни е познато од порано, го играме со најдобриот противник од сите останати. Со Косово кое игра извонредно во квалификациите и е противник за респект, а од друга страна дефинитивно ќе имаме огромна поддршка од трибините Финалето што ќе го играме кај победникот од Грузија и Белорусија исто така ќе биде тешка задача пред се поради квалитетите на противниците, (од кои според мене Грузија е поопасниот) и неможноста на нашите навивачи поради далечина во голем број да ја дадат поддршката на нашите репрезентативци. Од фудбалски аспект ние сме најквалитетна репрезентација и со играта што ја прикажуваме, заслужуваме да играме на следното ЕП. Јас, како и сите искрени љубители на фудбалот во Македонија верувам дека токму овие, се надевам, два натпревари ќе ја покажеме сета сила и квалитет што ги поседуваме и на крајот ќе бидеме дел од најдоброто во Европа. Сите заеднички сега треба да ја дадеме поддршката на момците затоа што тука се работи за многу повисоки цели од личните интереси или суети. Фудбалот во Македонија го заслужува ова ЕП“ – Изјави Ќириќ.
Саша Ќириќ има 26 одиграни натпревари за Македонија и 8 постигнати голови. Тој во својата богата играчка кариера настапуваше за клубовите Пелистер, Вардар и Металург во Македонскоро Првенство, потоа во ЦСКА Софија, Арау, Борусија Берлин, Офенбах, а најголем успех во Бундес Лигата имаше со Нирнгерг и Ајнтрахт Франкфурт.