
Играчот на Тинекс Пролет кој настапуваше за репрезентацијата во инервју за официјалниот сајт на клубот зборуваше за повеќе работи околу репрезентацијата. Поповски минатата година беше дел од Вардар со кој освои повеќе трофеи но не доби многу шанса да игра. Од оваа сезона тој настапува за македонскиот прволигаш Тинекс Пролет каде е предводник на тимот и добива голема минутажа. Списокот на ракометари за настап на престојното Европско Првенство сеуште не е комплетиран, а Поповски се надева дека ќе биде повикан во репрезентацијата.
-„Оваа 2019 година дефинитивно ми е најуспешна во кариерата. Освоив многу трофеи, со Вардар имав бројни фантастични моменти. Иако не играв премногу во ЛШ, добивав шанси во СЕХА и во домашниот плејоф, мислам дека добро ја оправдав довербата на стратезите. Потоа по долги години решив да си заминам од клубот и да се преселам некаде каде што би играл повеќе. Од опциите кои ми беа на маса го избрав Тинекс Пролет и верувам дека не згрешив“.
„Во прв момент не беше лесно бидејќи веднаш добив значајна улога во тимот, но од друга страна, тоа беше она што го очекував со самиот трансфер и верувам дека се покажав во добро светло. Кога ќе се добие шанса, треба да се искористи, а јас добро се снајдов, лесно се адаптирав, за тоа заслуга имаат и соиграчите од кои бев одлично прифатен во екипата. Работиме напорно, имаме одличен „тимски дух“ што ја краси нашата екипа и се надевам дека во ист стил ќе продолжиме и во вториот дел од сезонава. Првичната цел ја исполнивме со тоа што дојдовме на чекор до плејофот, верувам дека можеме да се носиме и со поголемиот дел од ривалите во разигрувањето за највисок пласман“, изјави Поповски.
Поповски рече дека оваа репрезентација има потенцијал бидејќи играчите добиваат минутажа и се стандардни во своите клубови.
-„Апсолутно се согласувам дека тој спој на младост и искуство што ја краси национална селекцијата може да биде добар „рецепт“ за пласман на ЕП 2020 година. За разлика од порано кога нашите репрезентативци не беа и стандардни, не играа во своите лиги, сега од оваа репрезентација 70-80% од играчите играат во квалитетни европски првенства, во Италија, Шпанија, Англија, итн. каде што играат и стандардно. Значи многу важно е тоа што во моментов играат и натпревари и тоа е моментно нашиот најголем квалитет“, рече Поповски.
Иако конкуренцијата за настап во националниот тим е голема Поповски кажа дека ќе направи се за да се најде на списокот за настап во Австрија.
-„И претходно бев на поширокиот список, но не се наоѓав меѓу оние кои ги играа натпреварите. Добрите игри за Тинекс Пролет сигурно беа препорака, но во секој случај селекторот е тој што избира и што знае како сака да игра неговата репрезентација. Јас секогаш сум ги почитувал изборите на тренерите, така беше и кога не играв за репрезентацијата. Сега сум дел од националниот тим и ќе сторам се за да се изборам за место на финалниот список, иако ни е јасно дека конкуренцијата за секое место во тимот е огромна“ рече Поповски.
Поповски кажа дека на првенството Македонија е во незгодна група и ќе биде тешко да се пласира во следнат фаза.
-„Можеби противниците не се премногу атрактивни, но тоа не значи дека ќе ни биде лесно. Австрија e домаќин, со Чешка традиционално имаме проблеми, додека Украина може да биде незгодна. Групата е тешка, понатаму одат две селекции, така што навистина ќе мораме да дадеме се од себе доколку сакаме да се пласираме во следната рунда“ заврши Поповски.