
Популарниот ракометен стручњак Веселин Вујовиќ, кој долги години беше тренер на скопски Вардар како и на младинската репрезентација на Македонија, изјави дека минатата сезона бил пред потпис со клубот Железничар од Ниш, но не бил задоволен од понудените услови. Популарниот Вујо изјави и дека сакал да помогне за развивање на српскиот ракомет кој според него е во стагнација подолг период.
-„Имав кратка епизода во Железничар, идејата беше добра, планот делуваше исто така добро, но се неславно заврши. Па, дури и лошо, затоа што клубот објави соопштение, но знам дека луѓето од Железничар не стојат зад него. Животот се состои од многу крстосници, не може секогаш да го погодите вистинскиот пат. Бев прв кој критикува зашто Вардар, Целје, Загреб и клубови од регионот направија „бум“, а српскиот ракомет… Помислив, зошто да не, се појави спонзор, градот Ниш застана зад нас, имавме сала, навивачи…
Се откажав од сигурен договор во Висла за да дојдам во Железничар. Одлучија парите, градот даваше колку што можеше, додека спонзорот не. Имаше и лоши сцени на натпреварите од домашната лига. Да се разбереме, не сум јас најдобар пример за однесување, ама она што ми се случи не може да се опише со зборови“, изјави Вујовиќ.
Веселин Вујовиќ додека беше ангажиран во Македонија доби одлични услови за работа, но не успеа да произведе млади македонски играчи. Неговата работа беше фокусирана на трошење на средства за купување странски играчи, како во Вардар така и во младинската репрезентација. Српскиот спорт не функционира на тој принцип па затоа е тешко Вујовиќ да се снајде во такви околности.