
Македонскиот кошаркарски интернационалец и капитен на нашата репрезентација Војдан Стојановски даде кратко интервју за Кошаркарската Федерација. Тој меѓу другото кажа дека и покрај предложуваните мерки од ФИБА, не очекува драстично намалување на платите на кошаркарите во Француската Лига, бидејки таму многу добро функционира сидикатот на професионални играчи.
-„Условно кажано, ништо. Чекам информации, официјални, од Франција, да соопштат нешто поврзано со лигата. Засега нема некоја дефинитивна одлука. Не се знае што и како ќе се одвиваат работите. Но мое лично убедување е дека лигата нема да продолжи. Едноставно нема како, ако се земе в предвид големиот број на странски кошаркари, посебно оние од САД, кои реално, тешко ќе се вратат во Франција во една ваква ситуација. Плус оние законски рамки кои со себе ги има секоја држава во светот, пооделно. Многу поверојатно е дека следната сезона ПРО А лигата ќе брои 20.тимови учесници“ -истакна Војдан Стојановски.
Ние сеуште не знаеме ниту како ќе оди исплатата на платите за април и за мај. Првично беше дека ќе нè исплатат целосно, и дека стојат зад таа одлука. Ќе видиме, што и да одлучат, ние мора да го почитуваме тоа. За се може да се најде договор, секако под услов да се сака тоа. Сега излегоа и препораките на ФИБА. Но не верувам дека ќе се оди до таа мерка, на некои драстични намалувања на платите. Во Франција постои синдикат, и тоа доста добар, на професионални играчи. Без нивно учество во договарањето, ЛНБ не може да донесе никаква одлука. Како добро се организирани, говори и тоа дека постојано добиваме прашалници, анкети, што, како и дали сакаме ние да продолжиме со играње, колку ќе бидеме подготвени после тоа… Јасно и поради што, од ваков непланиран ‘одмор’ постои опасност за повреди. Едноставно играчите имаат заштита, имаат силен синдикат. И она што е уште поважно би рекол, нема подвојување. Сите играчи се третирани подеднакво, дали станува збор за домашни или за странци“ – изјави Стојановски.
Војдан кажа и како го поминува времето во карантин.
-„По онаа самоизолација по враќањето од Франција, повеќе тренирам во некои, би ги нарекол, ‘домашни услови’. Дома имам ‘мини-теретана’, па тоа ми е добро за одржување на формата, макар и во едни вакви услови. Има време за трчање, цело лето е пред нас. Сите овие работи дефинитивно нè пореметија, но ќе ги надминеме“ – изјави Војдан Стојановски.