Лазар Лечиќ го изнесе својот став околу ситуацијата во македонската кошарка

Легендарнииот македонски кошаркарски тренер Лазар Лечиќ даде свое видување околу ситуацијата во македонската кошарка. Тој го критикуваше МЗТ Скопје кој сака титулата оваа сезона да му припадне нему. Лечиќ смета дека е одиграна речиси пола сезона, па за титула би требало да се одигра дополнителен турнир. Лечиќ рече дека титулата не се освојува на зелена маса туку на терен. Според него во следната сезона не треба да има испаѓање од Првата Лига а бројот на странци да се намали на двајца. Лечиќ кажа и дека тренерите не треба да бидат паразити и да чекаат странските играчи да им донесат успех туку да работат со младите кошаркари.

„Навистина не ги сфаќам луѓето од МЗТ Скопје, зошто толку инсистираат да бидат прогласени за шампиони на половина од првенството. Се знае како се станува шампион. Ова е навистина еден чувствителен момент во кој многу повеќе внимание мора да обрнеме на здравјето, на безбедноста, иако не смееме да ги заборавиме оние секојдневни активности. А кога сум јас во прашање нели, пред се, кошаркарските. Слушам и гледам полемики околу тоа дали треба да се прогласи шампион, или пак сезоната да биде поништена. И сум навистина разочаран како сето тоа е прикажано во јавноста. Наместо да зборуваме за работи со кои треба да одиме напред, ние го правиме спротивното. Лично сметам, и се чудам, зошто раководството на МЗТ Скопје, упорно инсистира да им биде доделена шампионската титула? Што ќе добијат со едно такво, службено прогласување за шампиони? Дали е тоа задоволување на нечии интереси, пред се навивачките, би рекол. Навистина и не гледам друг интерес, освен за да се каже дека биле најдобри во сезоната во која не одиграле ни половина од предвидените натпревари, а оние кои ги добиле ги реализирале со голем број на странски кошаркари. Кому му е потребна титула ‘освоена’ на зелена маса? Јас знам добро една работа. Титулата се заработува на теренот. А не со вакви кавги кои ги забележувам во последно време помеѓу кошаркарските субјекти. Тоа е решението, да се најде спортски начин за да дојдеме до најдобриот во сезоната. Сега има други проблеми за решавање. Но доколку се отвори и најмала можност, шампионот да се добие на терен.

Некои мои размислувања се тоа да биде преку организирање на некој завршен дел, или турнир, кога ќе се стекнат безбедносни услови за тоа. На пример, четирите најдобри екипи да играат во еден град. На едно место, на пример, во Маврово, кој нуди оптимални услови за реализација, пред се од здравствен и безбедносен аспект. Можеби на крај на август или пак во септември…

Она што  битно да се каже, а федерацијата да го прифати како такво, е дека не треба да има испаѓање од друштвото на најдобрите. Особено не во една ваква сложена ситуација во општеството, не само кај нас, туку во целиот свет. Еве, токму МЗТ Скопје, неспорно, има најдобри услови за функционирање, за работење, наместо да го трошат времето за кавги со федерацијата, да пробаат да продолжат со концептот, работа со младите кошаркари, а не да мислат само за да задоволуваaт навивачки желби. Секако не само МЗТ, говорам за сите клубови кои имаат амбиции да одат напред. Оттука моја идеја би била за следната сезона федерацијата да го ограничи бројот на странски играчи на два. Да не дозволиме тренерите да ни (по) станат инвалиди, паразити, секако условно кажано. Да не чекаат ’четири, пет или шест странски играчи, да прават резултат со нивна помош а без онаа која треба да дојде од младите играчи. Помина тоа време… Кој ќе купи толку квалитетни странци кај нас во сезоната која доаѓа. Не верувам дека има многу такви клубови, подготвени за тоа. Треба да се размислува напред, а не да се расправа за титулата, за еден пехар. Да им се даде уште поголема шанса на младите. Оваа сезона МЗТ го почна тоа, тоа е за пофалба, така треба и да продолжат, да не се занимаваат со некои други работи. Крајниот збор, сепак, го има федерацијата. Да, добро резонираат луѓето во федерацијата. Треба да се исцрпат сите можности, младите да играат летово. Повторувам, ако условите го дозволуваат тоа. Никој не сака ни најмал ризик со децата. Имаат своја сала на располагање, во СРЦ ‘Кале’, која треба да е полигон за вежбање, па со задоволување на препораките од Министерството за здравство, да почне да  се работи. Секојдневно, целодневно, да се искористат сите ресурси. Да се ангажираат селекторите, да ги соберат репрезентативците на едно место, и да работат. Ништо друго не ни преостанува, секако, освен да го чекаме тој момент кога повторно ќе се игра кошарка. Ќе дојде секако, ама ние мора да го дочекаме подготвени“ – кажа Лазар Лечиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *