Вардар во среда 13 ноември ќе го пречека тимот на Мотор Запорожје во рамки на СЕХА Лигата. Овие две екипи моментално се на делба на првото место на табелата, но сепак нема да вложат максимум на овој дуел. Мотор се најави дека ќе дојде во Скопје со повеќе млади играчи во составот кои не се првотимци. Кокошков изјави дека и Вардар на овој дуел ќе ги одмара играчите. Во последно време екипите кои играат во Лига на Шампиони во СЕХА Лигаата им даваат шанса на резервните играчи.
Колку што знаеме екипата на Мотор кај нас не доаѓа во најсилен состав. Ние имаме свои планови за овој меч. Сакам да им дадам повеќе минутажа на некои играчи, а некои да ги одморам. Тоа не значи дека се откажуваме од бодовите. Ние одиме на победа и три бода кои ни се многу важни во СЕХА лигата – изјави Кокошков.
Капитенот на Вардар Стојанче Стоилов исто така изјави дека на играчите на Вардар им е потребен одмор по тешкиот дуел против Кјелце.
„Имаме дуел со Мотор по тешкиот меч во саботата со Кјелце. Играчите се изморени. Посебно оние што играат цела сезона и го носат главниот товар. Мислам дека може малку да се калкулира и да се одморат некои од нив. Во секој случај, играме дома и одиме на победа“, изјави Стоилов.