Македонија Ѓорче Петров одлично ја започна оваа сезона. Во првиот натпревар го победи Вардар на гостински терен потоа нанижа уште неколку добри резултати и најави борба за титула. Но во последно време очекувањата не одат во посакуван правец. На денешниот натпревар Македонија ЃП против Борец одигра нерешено 1:1, во предходното коло Лавовите загубија од Силекс 0:1 а во купот одиграа 0:0 со второлигашот Брегалница при што беа елиминирани од ова натпреварување. По ваквите резултати тренерот на Македонија ЃП Александар Таневски си поднесе оставка. Тој изјави дека чувствува морална одговорност да го стори тоа бидејки неговиот клуб се наоѓа во неприфатлива ситуација.

„Како тренер и спортска личност каква ме познаваат луѓето поврзани со фудбалот чувствувам морална одговорност за според мене неприфатливата моментална ситуација во која се наоѓа Македонија ЃП, таа не се совпаѓа со моите лични и амбициите на клубот. Поднесов неотповиклива оставка. Работев посветено, искрено и чесно, секогаш подготвен за одговорност за сопствените дела. Сакам да се заблагодарам за довербата и условите за работа кои ми беа овозможени. Им посакувам на сите во клубот многу среќа во продолжението на првенството. Ќе бидам најсреќен ако моето заминување биде пресврт кон нови успеси кои клуб како Македонија ЃП ги заслужува“ изјави Таневски.