Македонската фудбалска репрезентација пристигна во Виена каде вечерва ќе го одржи последниот тренинг пред утрешниот натпревар против Австрија. Натпреварот се игра утре со почеток од 20:45 часот. На денешната прес конференција селекторот Ангеловски изјави дека покрај проблемите со повреди нема простор за жалење и Македонија ќе се фокусира на своите цели.
„Имаме кадровски проблеми, но рековме дека нема да се жалиме, така и ќе биде, ќе играат тие што се подготвени и јас верувам во нив. Можно е шанса да добијат и некои дебитанти, но ако им е прв меч не значи дека немаат квалитет. Сигурен сум дека утре сите фудбалери ќе го дадат максимумот и ќе одиграат најдобро што знаат. На овие мечеви сакаме да го потврдиме квалитетот и да се подготвиме за полуфиналето на Лигата на нации. Австрија беше доминантна во текот на квалификациите, тие се на прагот на пласман на Европско првенство, но ние си ја гледаме нашата работа“ изјави Ангеловски.