
Во осумнаесетото коло од АБА 2 Лигата кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го доживеаа првиот пораз на домашен терен оваа сезона, од тимот на Хелиос Домжале 85:89. Натпреварот се одигра пред празни трибини поради казната која АБА Лигата му ја изрече на МЗТ Скопје поради нередите на претходниот натпревар во „Јане Сандански“ против Сутјеска. МЗТ Скопје важеше за фаворит на овој натпревар но не успеа да дојде до победата ги отежнува амбициите на клубот за освојување на првото место во лигата. Првото полувреме од натпреварот го доби МЗТ Скопје 47:39, но пресудна беше третата четвртина каде Хелиос направи серија од 8:0 а четвртината ја доби со десет разлика 28:20. До крајот се играше изедначено но МЗТ не успеа да дојде до победата. Најефикасни кај МЗТ Скопје беа Дамјан Стојановски со 17 поени, Хиндс постигна 16, Крстевски 12. Кај гостинскиот тим Маховиќ постигна 29 поени а Коњевиќ 23. На табелата првото место го држи Борац со 34 поени на втората позиција се наоѓа МЗТ Скопје со 30.
